Романот „Талкачи” на Олга Токарчук е метафора за современиот човек, кој е во постојано движење. Романот претставува патување низ просторот, континентите и вековите, мешавина од судбини на различни луѓе, информации за необични феномени и научни предавања, кои читателот ги конзумира како во воз чии патници постојано се менуваат и раскажуваат различни приказни. Целта на патникот е да се откачи од реалноста, која е хаотична, сурова и гнила, додека современиот човек е талкачот кој го преуредува светот. Ова е личната визија на Олга Токарчук за светот, чиј напредок го уништува духовното, а го овековечува материјалното. „Талкачи“ е добитник на полската награда „Нике” за 2008 г.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).