Добитник на Букеровата награда, романот на нобеловецот Џ.М Куци „Животот и времињата на Мајкл К се одвива во Јужна Африка за време на војната во ерата на апартхејдот. Мајкл К, повлечен и осамен градинар, роден со зајачка усна и уште од мал исмејуван и неприфатен поради физичката непривлечност и умствената бавност, решава да & помогне на својата болна мајка и да ја одведе на фармата од нејзиното детство, подалеку од војната во градот. По пат мајка му умира, а тој продолжува да ја бара фармата, носејќи ја со себе пепелта на мајка си. Обидувајќи се да избега од луѓето, од насилствата и ужасот на војната и воените логори, но не секогаш успешно, преживува сам во опустошените и напуштени предели на Јужна Африка. Неговиот најголем непријател не е природата која тој како градинар успева да ја скроти, туку агресивноста и десктруктивноста на човекот. Овој роман, незатруен од политички поенти, полн со длабоко потресни и лирски сцени, зборува за односот на човекот кон општеството воопшто, но и обратно.
Оливера Ќорвезироска – Престапни години
400,00 денСекој ден од годината е нечиј роденден, именден, празник, Светски ден на „ова или она“. Роденденот на волуменозниот, минуциозно осмислен и (до збор) виртуозно изведен прозен проект на Оливера Ќорвезироска, книгата едноставно наречена Престапни години, е вистински празник за современата македонска микрофикција. Овој „прозен календар“ на Ќорвезироска е вистински читателски деликатес (и во квантитативна и во квалитативна смисла). Пред нас се 366 вибрантни, луцидни и вдахновени куси прози, микрофикции, кои осцилираат меѓу кус расказ, дневнички запис, микроесеј, цртичка, прозен медалјон, прозен фрагмент… Оливера Ќорвезироска е авторка која и во прозните и во книжевно-критичките остварувања му посветува речиси опсесивно (во најубава смисла) внимание на јазикот и како основна алатка на создавањето уметнички светови, но и како нешто што е постојано живо, свето и слоевито. Затоа, еден вид главен јунак во овие куси приказни е токму јазикот (и економијата на јазичниот израз). Во само неколку реченици покрај рефлексиите за проникнувањата меѓу животот и уметноста, еден вид лајтмотив на ракописот е проникнувањето на личната приказна и премрежјата на нашево време. Притоа, формулата и структурата на Престапни години е едноставна: по една куса проза за секој ден од календарот на една престапна година. И во престапните и во „обичните” години, пред нас е книга што секој ден од годината може да ни го претвори во Светски ден на читателските наслади.
Владимир Мартиновски