“„Гласовите на времето” се вистински дестилат на темите кои постојано го окупираат големиот британски писател: „чувството на изолираност во внатрешноста на бескрајните простор и време на космосот, биолошките фантазии и обидот да се прочитаат слоевитите шифри на испразнетите базени и напуштените аеродроми, а над сè, решеноста да се измолкне од сè подлабоката психичка ентропија и да се склопи некаков личен мир со невидливите сили на космосот”.
„Со фаталистичка дистанцираност која претходно ја беше чувал за своите пациенти”, Роберт Пауерс го исчекува крајот – својот личен и крајот на човечкиот род, а можеби и крајот на космосот. Неговото ментално и физичко пропаѓање е дел од процес со планетарни димензии чиишто многубројни манифестации укажуваат на тоа дека „врвот всушност веќе е достигнат” и дека “патот сега води удолу, кон заедничката биолошка гробница”.