Првенецот на Даниеле дел Џудиче, „Вимблдонскиот стадион“ (1983), е мешавина од стварност и фикција, а во неговото средиште се наоѓа интересен и значаен лик од италијанската книжевна историја на ХХ век, вљубеник во пишаниот збор, уредник, книжевен критичар, пријател на најзнаменитите автори од периодот, но човек кој никогаш не објавил ништо свое.
Младиот неименуван раскажувач во романот поаѓа на патешествие – петнаесетина години по смртта на овој таинствен лик – со цел да ѝ влезе во трага на легендата за него и да го пронајде одговорот на клучното прашање: зошто не пишувал? Неговиот лик никогаш не е директно пренесен на хартија, туку е некаде во заднината, во спомените на оние што го познавале, во анегдотите од родниот град. Дел од одговорот можеби и самиот навестува во своите приватни списи, објавени постхумно, каде што некогаш забележал: „Сметам дека веќе не може да се пишуваат книги. Затоа не пишувам книги. Речиси сите книги се фусноти надуени во томови. Јас пишувам само фусноти“.