Реченицата на која Виктор никогаш не успеа да и ја открие длабоката езотерична симболика, ама беше убеден дека зад неа се крие севкупната смисла на постоењето, речница што ја изговараа сите водители и гости од естрадата, гласеше: на мојот албум се поместени толку и толку хитови. Виктор знаеше, сите што ја бараа суштината на постоењето во старите езотерични учења, во религиозните книги, во окултистичките ритуали, во науката како квантната физика, на пример, сите тие бараа на погрешно место. Нешто бескрајно тајно и непроценливо важно се криеше во мистиката на тој зен, на таа мантра што гласеше: на албумот се поместени толку и толку хитови.
Како ли изгледа чувството кога ќе ја запознаеш жената на својот живот после низа ретардирани настани кои ти го искомплицирале животот до границите на хаосот, за судбината потоа да те земе од таа жена и да те упати во затвор за несторен престап, ама пред да те понесе кон темницата на твојата иднина ставајќи ти лисици на раце да ти каже цинично дека онаа што ја сретна, всушност е лезбејка, а лезбејките по некоја чудна логика се жени кои сакаат жени, како ли навистина излгледа тоа проклето чувство? Тоа чувство изгледаше исто како Виктор. Виктор не беше пријатна глетка за гледање.