Книгата го обработува симболичкиот конфликт помеѓу Македонија и Грција по однос на историските права врз античкото минато и неговите симболи, вклучително и самото име Македонија.
Тоа е дело кое првенствено критички го испитува создавањето и одржувањето на конкурентските наративи на античко потекло во двете држави.
Самиот автор за својата книга вели:
„Прво, таа го демистифицира и грчкиот и македонскиот официјален дискурс низ истата призма, нешто што е малку присутно во јавната дебата во Македонија. Делот кој се занимава со Грција веројатно ќе има голема информативна улога за оние кои не ги знаат деталите на грчката приказна за Александар и Македонија.
Второ, таа нуди темелна анализа на развојот на настаните од последните пет години – во прв ред, причините, методите и ефектите од македонската антиквизација. Засега, критичката мисла по тоа важно прашање делува неконсолидирано. Оттаму, најголемата вредност на ’Античка сегашност’ е што ги пополнува празнините во јавната дебата и помага во создавањето рамка за големата слика“, вели Анастас Вангели.