Ова е книга за отфрлените, за одметнатите, за гнилежот на системот, за криминалот во сите негови нијанси, сѐ до најсвирепите ужаси на кои е способен човекот, за корумпираноста на институциите, за жртвите на семејното насилство, за луѓето што ја преземаат правдата во свои раце, за пријателството и за љубовта. За сѐ она што треба или не треба да се чува складирано во тегли, и сето тоа раскажано со леснотија и низ многу хумор. „Тегли“ на Коцевски е освежување во домашната книжевна продукција, прво затоа што се работи за редок суб-жанр кај нас ‒ трилер и хорор, а потем и самата интригантна приказна што се развива по принципите слични на стрипот. Забележливо е и влијанието на големиот мајстор на хоророт Стивен Кинг, а би било одлично и доколку ова дело добие и филмска адаптација.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).