Токму во тој темен агол од собата каде што си постојав уште малку откако овие двете заминаа, ми се крена една огромна завеса, како простум да сонувам, и пред мене се појави цела сцена. На неа имаше полн декор, предмети испорасфрлани навидум безредно, кои беше тешко да се идентификуваат, наликуваа на темни партали во купишта оставени кај се нашле, а на средината на таквото необично окружување стоеше мојот маж замислен. Тој не ги гледаше парталите околу себе, но тие се кренаа, се движеа, веќе земаа и форми како сеништа кои кружеа околу него во поголем радиус, а тој сѐ уште не ги гледаше, не ги слушаше ниту кога се приближија сосем блиску до него, а испуштаа звуци на ветер и продолжуваа да кружат околу него сѐ додека едно по едно, а ги имаше повеќе од стотина, не влегоа во него и така исчезнуваа, во него, сѐ до последното кога тој седна омалаксан на празната сцена и заспа сосе многуте посетители во себе или, којзнае, можеби тие не спиеја.
Сања Михајловиќ-Костадиновска – Во кратки црти
150,00 денЗбирката е подредена во три кохерентни циклуси: „Средби и сеќавања“, „Метаматерија“ и „Замислени светови“. Расказите се запишани во трето и почесто во прво лице, од веродостоен наратор, кој сепак повремено како со сласт да ужива и во неверодостојност, користејќи ја за заводливо да го води читателот низ приказната. […] Речиси сите раскази се сместени во апстрактни временско-просторни координати, кои сепак се некаде во современоста и во урбани средини, а тоа остава впечаток на автобиографичност на расказите. Но, овој пристап (неретко исповедниот тон и одмерената лиричност, кои ни за миг не оддаваат нијанси на патос) може да се гледа како мала, незабележлива и успешно приредена замка, а онаа нежна, спонтана запрашаност помеѓу можноста на автобиографијата и извесноста на фикцијата е само уште една питка одлика на оваа збирка. […] Живко Грозданоски