Ноќ во музејот. Мојот пријател од сеќавањето го нема. Коридорите, празни, бескрајни и ладни, болно се повторуваат. Се бркам со некакви призраци низ редови од стакларници, бледи сеќавања и контури кои испаруваат во темнината. Чекорам по патишта што останале неизгазени и наеднаш, без да знам како, се наоѓам во депото на музејот. Месечината го осветлува пијаното што стои покрај ѕидот напластено со прашина. Врз него запрашени стојат партитури на Мусоргски. Во аголот празен кафез за птици. Наведната над пијаното стои сенка. Капакот е затворен, но од срцето на инструментот се слуша речиси нечујна мелодија. Реката се бранува по музиката и музејот се преплавува со мастилава вода. Во собата влетува друга сенка. И сега сме тројца.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).