Имитатор е приказна за Пран Нат, момче од Индија чијашто невообичаено бела кожа се смета за знак на неговото благородно потекло. Неговиот блажен детски живот одеднаш се нарушува кога ќе се открие кои се неговите вистински родители, така што од благородник Пран преку ноќ станува скитник, кој ги открива сите мрачни страни на Британската империја на почетокот од XX век. Патувајќи низ кралствата во Пенџаб, па во Бомбај, Лондон, Оксфорд и најпосле во Африка, Пран Нат неколку пати го менува својот идентитет, на крајот станувајќи совршен Англичанец и перспективен антрополог по име Џонатан Бриџмен. Иронично, во текот на неговата антрополошка експедиција, тој открива и што значи да се биде белец помеѓу дивите племиња во Африка. Напишан во стилот на класичните авантуристички романи, но поставен низ современа постмодерна перспектива, Имитатор е едно од оние ненаметливи големи дела кои третираат важни прашања од современиот живот (поврзани со политиката, моќта, расата, сексуалноста, домот и љубовта), а сепак му овозможуваат на читателот да доживее и исклучително книжевно задоволство.
Драго Јанчар – Џојсовиот ученик
250,00 ден„Џојсовиот ученик“ од Драго Јанчар е збирка раскази изградени околу ликови вовлечени во значајни историски настани. Насловниот расказ е инспириран од страшната и вистинска животна приказна за Борис Фурлан, млад човек што одел на часови по англиски јазик кај Џејмс Џојс, додека тој предавал на универзитетот во Трст, воведувајќи ги своите студенти во суптилностите на јазикот преку описите на газиена ламба. Додека приказните обработуваат разни теми на различни локации и ситуации, од службено патување во Њујорк до аџилак до Сантијаго де Компостела, наративите споделуваат расположение на опасност и мрачност. Анонимни армии вршат масакри, лекар е опседнат со очите на Ајнштајн… Но, и покрај целата бруталност и смрт, читателот не ја чувствува книгата како мрачно или депресивно четиво. Низ расказите се чувствува и повев на остра смисла за хумор, што ја отвора вратата за нова светлина. Опишан како „сеизмолог на хаотичната историја“, Јанчар се потврдува како еден од водечките словенечки литературни гласови на неговата генерација преку оваа исклучителна збирка кратка фикција.