Во седмиот роман на Ханиф Курејши, младиот биограф Хари Џонсон добива задача да ја напише биографијата на Мамун Азам, великан на постколонијалната книжевност, кој, по смртта на првата жена, живее во Сомерсет со втората сопруга, Италијанката Лијана. На едно поопшто рамниште, романот се занимава со прашањето на улогата на писателот во општеството и начините на кои раскажувањето се користи во создавањето на идентитетот. Извесни критичари го толкуваат делото како „роман со клуч“ за тринидадскиот нобеловец Видија Најпол, кој го поканил биографот Патрик Френч на својот имот во Вилтшир, а делото што произлегло го прикажало авторот како сноб преполн со предрасуди, прељубник и посетител на проститутки. Од друга страна, пак, Хари како да пројавува извесни карактеристики на самиот Курејши: стравот на биографот дека ако соработката не успее, ќе мора да предава креативно пишување е можеби шега на сопствената сметка на Курејши, кој држел ваков курс на универзитетот „Кингстон“.
„Последниот збор“, покрај главното дејство и можните метафикциски елементи, содржи и подлабоки промислувања за пишувањето, читањето и биорафијата, како и нивната судбина во една можеби посткнижевна култура.
Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните
200,00 ден„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).