Секое од триесетте поглавја може да се чита како засебна приказна; приказни за љубовта, осаменоста, неуспешните обиди за комуникација и себепронаоѓање, зграпчени мигови кои откриваат решавачки моменти во нечиј живот, моменти кога неговата или нејзината судбина засекогаш е променета – или во кои се решава таа никогаш да не се промени. Овие приказни се како пиксели кои сочинуваат една поголема слика, сите карактери се појавуваат, исчезнуваат, па повторно стапуваат на сцена како танцувачи во кореографија која му е позната само на нараторот, и читателот кој константно го бара клучот и поврзаноста меѓу настаните и ликовите од приказна во приказна. Кратките средби, кратките погледи на улица можат да ги создадат истите конекции, како оние во крвните врски или љубовта меѓу родителите, децата, сопружниците или прељубниците. Поглавјата носат наслови кои евоцираат на делови од телото: приказна за окото, приказна за папокот, приказна за прстите; бележејќи дека нашето тело е она на кое е испишана приказната на нашиот живот; со скокотливи и љубовни допири или со шлаканици и гребаници.
Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, иншала
500,00 ден„Иншала, Мадона, инашала“ е збирка раскази во кои се прекрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката. Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите. Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.