„Дневникот на заводникот“ е објавен непосредно по враќањето на вереничкиот прстен на Регина Олсен. Имено, Кјеркегор се вљубил во оваа десет години помлада девојка од него, ја запросил, а година подоцна, ја раскинал свршувачката. Овој настан му оставил длабока трага, Регина станала неговата муза и тоа резултирало со уште трудови. „Дневникот на заводникот“ подоцна е вклучен и во обемното дело на Кјеркегор „Или-или“ (1843), со намера Кјеркегор, конечо, да ја оттргне од себе. Неговиот обид во писмена форма да го исправи она што сметал дека било грешка во нивната врска, го научил на тајната на „индиректната комуникација“. Во ова дело Кјеркегор се обидува да се претстави себеси како подлец за да ѝ го олесни раскинувањето на Олсен.
Овој текст во голема мера е литераризиран, главните ликови се Јоханес и Корделија, а „Дневникот…“ е дело на еден романтичар ставен во примерниот концепт на љубовта што се одвива меѓу идеализацијата и сомнежот, љубовниот копнеж и иронијата, помеѓу желбата и одбивањето предметот на љубовта да се поседува, за, на крај, да се дојде до конечното раскинување што би требало да ја постави љубовта од онаа страна на институционализираниот и ограничувачкиот морал.
Ги разработува прашањата за бракот, етичкото наспроти естетското, стравот и ригорозноста на христијанството. Кјеркегор во „Дневникот на заводникот“ и неговата естетска радикалност во потрагата по слободата и љубовта, ги има испишано најпроникливите страници посветени на страста и на нејзиниот егзистенцијален и филозофски аспект.
„Во обемната литература за љубовта ’Дневникот на заводникот‘ претставува една комплексна љубопитност, еден трескавичен интелектуален обид да се реконструира еротскиот неуспех како педагошки успех, рана маскирана како фалба.“ — Џон Апдајк