„Кондураџискиот занает со години затворен во малото сопче во подрумот, скришно излегуваше оттаму кога најмалку мислевме на него. Најчесто како збор. Сред обичен разговор, кој било од нас ќе кажеше гленк, луб, обртаљ, цвик, пенче. Или како нагласен мерак за чевли на сите нас. Секој што ќе нѐ загледаше, можеше да види дека сите секогаш имавме беспрекорни обувки. Занаетот затворен во малото сопче во подрумот, секогаш кога купувавме обувки излегуваше од заточеништво и доаѓаше со нас по продавници. А сите, мама, Час, Вера и јас, и онака бевме опседнати и строго се владеевме според кондураџискиот хороскоп што го беше создал татко ми како сопствен поглед на светот и на поделбата на луѓето во него: на оние кои кинат чевли и на оние кои не кинат; на оние на коишто долго им траат чевли и на оние на кои брзо им се износуваат. „Тоа зависи од денот на раѓањето“, велеше татко ми. „Родените во првата половина од кој било месец, не кинат чевли. Сите родени во втората половина од месецот, чевел не можат да свртат“.
Оливера Ќорвезироска – Престапни години
400,00 денСекој ден од годината е нечиј роденден, именден, празник, Светски ден на „ова или она“. Роденденот на волуменозниот, минуциозно осмислен и (до збор) виртуозно изведен прозен проект на Оливера Ќорвезироска, книгата едноставно наречена Престапни години, е вистински празник за современата македонска микрофикција. Овој „прозен календар“ на Ќорвезироска е вистински читателски деликатес (и во квантитативна и во квалитативна смисла). Пред нас се 366 вибрантни, луцидни и вдахновени куси прози, микрофикции, кои осцилираат меѓу кус расказ, дневнички запис, микроесеј, цртичка, прозен медалјон, прозен фрагмент… Оливера Ќорвезироска е авторка која и во прозните и во книжевно-критичките остварувања му посветува речиси опсесивно (во најубава смисла) внимание на јазикот и како основна алатка на создавањето уметнички светови, но и како нешто што е постојано живо, свето и слоевито. Затоа, еден вид главен јунак во овие куси приказни е токму јазикот (и економијата на јазичниот израз). Во само неколку реченици покрај рефлексиите за проникнувањата меѓу животот и уметноста, еден вид лајтмотив на ракописот е проникнувањето на личната приказна и премрежјата на нашево време. Притоа, формулата и структурата на Престапни години е едноставна: по една куса проза за секој ден од календарот на една престапна година. И во престапните и во „обичните” години, пред нас е книга што секој ден од годината може да ни го претвори во Светски ден на читателските наслади.
Владимир Мартиновски