Оливера Ќорвезироска – Престапни години

400,00 ден

Секој ден од годината е нечиј роденден, именден, празник, Светски ден на „ова или она“. Роденденот на волуменозниот, минуциозно осмислен и (до збор) виртуозно изведен прозен проект на Оливера Ќорвезироска, книгата едноставно наречена Престапни години, е вистински празник за современата македонска микрофикција. Овој „прозен календар“ на Ќорвезироска е вистински читателски деликатес (и во квантитативна и во квалитативна смисла). Пред нас се 366 вибрантни, луцидни и вдахновени куси прози, микрофикции, кои осцилираат меѓу кус расказ, дневнички запис, микроесеј, цртичка, прозен медалјон, прозен фрагмент… Оливера Ќорвезироска е авторка која и во прозните и во книжевно-критичките остварувања му посветува речиси опсесивно (во најубава смисла) внимание на јазикот и како основна алатка на создавањето уметнички светови, но и како нешто што е постојано живо, свето и слоевито. Затоа, еден вид главен јунак во овие куси приказни е токму јазикот (и економијата на јазичниот израз). Во само неколку реченици покрај рефлексиите за проникнувањата меѓу животот и уметноста, еден вид лајтмотив на ракописот е проникнувањето на личната приказна и премрежјата на нашево време. Притоа, формулата и структурата на Престапни години е едноставна: по една куса проза за секој ден од календарот на една престапна година. И во престапните и во „обичните” години, пред нас е книга што секој ден од годината може да ни го претвори во Светски ден на читателските наслади.

Владимир Мартиновски

Сања Михајловиќ-Костадиновска – Во кратки црти

150,00 ден

Збирката е подредена во три кохерентни циклуси: „Средби и сеќавања“, „Метаматерија“ и „Замислени светови“. Расказите се запишани во трето и почесто во прво лице, од веродостоен наратор, кој сепак повремено како со сласт да ужива и во неверодостојност, користејќи ја за заводливо да го води читателот низ приказната. […] Речиси сите раскази се сместени во апстрактни временско-просторни координати, кои сепак се некаде во современоста и во урбани средини, а тоа остава впечаток на автобиографичност на расказите. Но, овој пристап (неретко исповедниот тон и одмерената лиричност, кои ни за миг не оддаваат нијанси на патос) може да се гледа како мала, незабележлива и успешно приредена замка, а онаа нежна, спонтана запрашаност помеѓу можноста на автобиографијата и извесноста на фикцијата е само уште една питка одлика на оваа збирка. […] Живко Грозданоски

Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, иншала

500,00 ден

„Иншала, Мадона, инашала“ е збирка раскази во кои се прекрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката. Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите. Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.

Драго Јанчар – Џојсовиот ученик

250,00 ден

„Џојсовиот ученик“ од Драго Јанчар е збирка раскази изградени околу ликови вовлечени во значајни историски настани. Насловниот расказ е инспириран од страшната и вистинска животна приказна за Борис Фурлан, млад човек што одел на часови по англиски јазик кај Џејмс Џојс, додека тој предавал на универзитетот во Трст, воведувајќи ги своите студенти во суптилностите на јазикот преку описите на газиена ламба. Додека приказните обработуваат разни теми на различни локации и ситуации, од службено патување во Њујорк до аџилак до Сантијаго де Компостела, наративите споделуваат расположение на опасност и мрачност. Анонимни армии вршат масакри, лекар е опседнат со очите на Ајнштајн… Но, и покрај целата бруталност и смрт, читателот не ја чувствува книгата како мрачно или депресивно четиво. Низ расказите се чувствува и повев на остра смисла за хумор, што ја отвора вратата за нова светлина. Опишан како „сеизмолог на хаотичната историја“, Јанчар се потврдува како еден од водечките словенечки литературни гласови на неговата генерација преку оваа исклучителна збирка кратка фикција.

Андреј Ал-Асади – Утрото на бессоните

200,00 ден

„Утрото на бессоните“ е втората збирка раскази од Андреј Ал-Асади, по „Друго минато“ (Темплум, 2018), за која ја доби наградата за дебитантско прозно дело „Новите!“. Во оваа збирка Ал-Асади одлучно и бескомпромисно го „истражува“ младиот човек во својот урбан контекст, во својата психолошка замрсеност, соочен со безизлезност, заробеност, несоодветност, меланхоличност, честопати отсликани со очудувачка и онирична форма, водејќи го читателот по патот на некоја друга, помалку позната или непозната човечка свест и потсвест. Патот по кој авторот го води читателот минува низ фантастични и завиени предели, притоа искажувајќи ја „многуслојноста“ на себеспознавањето на главните ликови, но исто така преточувајќи ја во алегорија за животот на урбаниот млад човек. Но, сево ова Ал-Асади не го искажува со неоснован бунт и младешки пркос, туку напротив, неговото пишување се одликува со самоуверена и концизна мисла, која засегнува пошироки, универзални и безвремени прашања што ја измачуваат човечката мисла (себеспознавањето, духовноста, несфатеноста, младешкиот идентитет…).

ПОНЕДЕЛНИК ИЛИ ВТОРНИК од Вирџинија Вулф

300,00 ден

Вирџинија Вулф, еден од најистакнатите критичари и најоригиналните автори на дваесеттиот век, пред објавувањето на оваа збирка раскази во 1921 г. зад себе веќе има два романа. Меѓутоа, токму преку овие нејзини први раскази се здобива со углед на писател со најжива имагинација и најистенчен стил во тоа време.

ГЛАДОМОРЈЕ од Јована Матевска Атанасова

300,00 ден

„Гладоморје“ претставува нов тип истражувачко искуство во македонската проза засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност со можна алегорија која упатува на универзални концепти на современото живеење, во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човекови опстојби.