Во својот прв роман Првобитните нешта, Бруно Виејра Амарал се навраќа во замисленото маало Амелија, кое се наоѓа на јужниот брег на реката Тежо, во Вале да Амореира, во регионот Сетубал, каде што самиот тој пораснал, и од каде што секојдневно го гледал градот Лисабон, токму отаде брегот од другата страна на Тежо. Имено, делото комуницира со биографијата на Амарал, но, самото по себе не е автобиографско. Во нарацијата на романот, авторот го напушта тоа маало пред речиси десед години и тоа заминување е своевидна победа со која се оддалечил од трошните и сиви згради на сиромаштијата и општествената изолација и исклученост. Но, по низа животни порази, развод, невработеност, очај, револт, болка, сега се враќа на истото место, живее со мајка му и се соочува со свет кој, не само што не го препознава туку и не постои повеќе онаков каков што го оставил. Самото негово враќање во родното место, речиси одисејски, го означува и започнува со неговиот конфликт со минатото, но, конечно, елегичниот крај му ги отвора портите на ослободувањето од бремето на меморијата, каде што тој ги препознава вистинските првобитни, некогашни, први нешта.
Миљенко Јерговиќ – Иншала, Мадона, иншала
500,00 ден„Иншала, Мадона, инашала“ е збирка раскази во кои се прекрстуваат традиционалната и современата проза, Западот и Ориентот, минатото и сегашноста, христијаните и муслиманите, босанските севдалинки и далматинските клапи, Каурите и Турците, Османлиската и Хабсбуршката империја, старата и новата Југославија, Хрватите, Босанците, Србите, Црногорците, Далматинците, Херцеговците, Арапите, Евреите – сето она што ја прави Босна истовремено меланхоличен и живописен предел, исто како што во севдата се соединети љубовта и болката. Јерговиќ на уникатен начин ги опишува социјалните прилики во Босна и Херцеговина и Хрватска. Низ приказни пишувани како ремикс на народни песни и севдалинки, со сликовит и жив јазик, кој не бега ни од несекојдневните и нестандардните изрази (архаизми, исламизми и несекојдневни фразеологизми), Јерговиќ ја слика тешката стварност на Босна низ вековите. Во расказите е ставен силен акцент на меѓуверските односи помеѓу христијаните и муслиманите низ историјата, но и во сегашното време. Сепак, расказите не се дидактички, па поуката е скриена некаде во заднина, оставена на читателот самиот да ја досегне, иако е можно да се каже дека секоја приказна има своја главна мисла, но заедничкиот именител им е истакнувањето на бесмисленоста на меѓуверската омраза, како и на долговековната реалност на овие простори.